Родителка на загинато дете од Кочани реагира на тајните средби на Мицкоски со дел од семејствата
Мајка на дете загинато во трагичниот настан во Кочани остро реагираше на социјалните мрежи по информациите за тајни средби помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и дел од родителите на жртвите. Таа упати јавна осуда кон, како што вели, прикриените договори и селективниот пристап кон семејствата на настраданите.
„Родителите сме со име и презиме!“, пишува таа, барајќи транспарентност и почитување. „Бараме сега, јасно и гласно, тие што биле на средбите да се претстават пред сите нас. Некрофилски ни забивате не ножеви, туку секири во грбот, а глодарски ни ги распарчувате душите што веќе се скршени.“
Таа изразува силна болка и револт што, како што вели, некои од родителите биле одвоени и повикани на средби без знаење на останатите, со што дополнително се продлабочува чувството на понижување и поделба.
„Кога идевме за Скопје, не' оставивте да чекаме на жешкото, не не удостоивте со средба со сите родители. Зошто?“, прашува таа, повикувајќи на одговорност за селективниот третман.
Исто така, таа се прашува како жени – мајки, медицински сестри, наставнички и професорки – не се почувствувале понижено што се вратиле дома во доцните часови, додека нивните деца не се повеќе со нив.
„Секоја задоцнета реакција носи последици“, предупредува таа, изразувајќи длабока огорченост што болката на родителите станува предмет на политички калкулации и прикриени договори.
Нејзината објава предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, отворајќи прашања за транспарентноста, етиката и човечноста во односот кон жртвите и нивните семејства.