28 април 2025
• од Вардарски
Авторитетот, непристрасноста и отпорноста на Уставниот суд се клучни за обезбедување владеење на правото во Северна Македонија, порача амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, на тркалезната маса „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“ одржана во просториите на судот.
Во своето обраќање, Рокас истакна дека реформата на уставното судство е еден од најважните процеси што треба да обезбеди независност, интегритет и отпорност на оваа институција, која е чувар на уставноста, законитоста и основните права на сите граѓани.
„Зајакнувањето на Уставниот суд не е само формално барање за членство во ЕУ, туку суштинска инвестиција во правичен пристап и владеење на правото. Тоа е неопходно за граѓаните, за нивната доверба во институциите и за европската иднина на државата“, нагласи Рокас.
Особено значајно, амбасадорот јасно потенцираше дека завршувањето на уставните измени, со кои Бугарите ќе бидат вклучени како дел од уставно признатите заедници, е главна и неодложна реформа без која Северна Македонија нема да може да започне со суштинската фаза од преговорите за членство во Европската Унија.
„Исполнувањето на оваа обврска е недвосмислено поврзано со европскиот пат на државата. Внесувањето на Бугарите во Уставот заедно со другите заедници, е клучен чекор за напредокот кон ЕУ и за покажување на посветеноста на земјата кон европските вредности на еднаквост, почитување на правата и инклузивност“, истакна Рокас.
Амбасадорот подвлече дека процесот на реформите мора да биде транспарентен, инклузивен и да се базира на дијалог, што ќе ја зголеми довербата на јавноста во институциите, особено во Уставниот суд.
На тркалезната маса свои обраќања имаа и амбасадорките на Германија и САД, Петра Дрекслер и Анџела П. Агелер, кои ја нагласија важноста на силните уставни судови како темел на демократијата и владеењето на правото.
Покрај дипломатските претставници, свои ставови и анализи споделија и домашни правни експерти, претставници на Уставниот суд, академската заедница и граѓанскиот сектор, а во рамки на настанот беа презентирани и наоди од анализата за потребата од носење посебен Закон за Уставниот суд, финансирана од Европската Унија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

