24 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
На социјалните мрежи вечерва се шири вознемирувачка фотографија од СМС порака, за која се тврди дека претставува последен очаен повик за помош од неодамна убиената Росица К. од Велес, упатен до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Автентичноста на пораката сè уште не е потврдена. Сепак, содржината – во која се споменуваат конкретни судски предмети и детали за наводни институционални пропусти – предизвика лавина реакции и гнев во јавноста. Нашата редакција потврди дека бројот што се гледа на фотографијата навистина припаѓа на личниот мобилен телефон на министерот.
Според објавеното, пораката е испратена денеска во 16:08 часот. Во неа, Росица К. наведува дека со месеци е жртва на тепање, силување, прогон и закани. Таа дополнително посочува дека пред пет дена ѝ бил запален автомобилот. Најшокантниот дел од содржината се однесува на осомничениот, кој и покрај долгата историја на насилство, повторно добил пасош и ја напуштил државата.
Фотографијата доаѓа само една недела по трагичниот настан во Велес, кога јавноста дозна дека жртвата повеќепати пријавувала насилство, додека сторителот добивал само условни казни. Новиот наводен доказ отвори сериозни прашања за институционалната одговорност и реакцијата на правосудните органи.
Граѓаните бараат итна и транспарентна реакција од Министерството за внатрешни работи за да се потврди дали пораката е автентична и што конкретно е преземено во случајот. Јавниот притисок расте, со оглед на тоа што случајот се претвора во симбол за неказнивост и пропусти во заштитата на жртвите на семејно насилство.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

