27 април 2025
• од Вардарски
С. Македонија се соочува со сериозна закана: недостигот на работна сила расте секој ден, а доколку платите не се зголемат, земјата ризикува целосен колапс на пазарот на труд. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) алармира дека и Владата и работодавачите мора да ја прифатат својата одговорност и конечно да обезбедат подобри услови за работниците.
Наместо вината да се префрла на младите што заминуваат, време е, велат од ССМ, политичарите и газдите да погледнат во сопствениот двор. Платите во земјата се ниски, условите се недостоинствени, а секој ден сè повеќе луѓе ја напуштаат Македонија во потрага по подобра иднина. Според проценките, над 12.500 градежни работници заминале во странство во изминатиот период.
Пораките на ССМ дојдоа од Работничкиот дом – симболично место од каде ќе тргне и големиот првомајски протест. Од таму беше испратен јасен сигнал: приватниот сектор, како клучен носител на економијата, мора веднаш да ги зголеми платите.
„Ако сакаме млад стручен кадар, мора да им понудиме достоинствени плати и услови за работа“, порача Иван Пешевски, потпретседател на ССМ. Според него, минимална плата од 500 евра треба да биде само основа, врз која ќе се гради систем за праведно пресметување на останатите плати според тежината на секое работно место.
Пешевски нагласи дека во трудоинтензивните индустрии платите треба да изнесуваат најмалку 50.000 до 60.000 денари, ако државата навистина сака да го сопре масовниот одлив на работна сила кон земјите од Европската Унија.
ССМ исто така изрази загриженост за зголемените притисоци врз нивните членови, предупредувајќи дека се вршат обиди за дискредитација и маргинализирање на нивната борба. Додека тие се борат за достоинствени плати и подобри права, други синдикати, велат од ССМ, молчат или се на страна на работодавачите.
Затоа, ССМ повикува на масовен првомајски протест – не обичен марш – како симбол на отпор против нечовечките услови за работа, задоцнетите плати и прекршувањето на колективните договори, и во јавниот и во приватниот сектор.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

