20 септември 2025
• од Тодор Вангелов
Во Кјустендил свечено беше одбележан Денот на програмата Interreg и 35-годишнината од оваа европска иницијатива за поддршка на пограничните региони, со меѓународниот театарски фестивал „Acting Europe – Theatre Without Borders“. Настанот беше организиран под покровителство на бугарското Министерство за регионален развој и јавни работи.
Програмата Interreg, која започна во 1990 година, има цел да гради мостови помеѓу региони, институции и луѓе. Во изминатите 35 години преку неа се инвестирани над 40 милијарди евра, поддржани се повеќе од 30.000 проекти со учество на 135.000 партнери од цела Европа. Според бугарското министерство, само во развојот на пограничните региони на Бугарија кон Србија и Македонија ќе бидат вложени околу 125 милиони евра.
На отворањето на фестивалот, заменик-министерот за регионален развој на Бугарија, Јура Витанова, истакна дека „театарот, како и Interreg, ги обединува луѓето без бариери“, додавајќи дека европските проекти значително ја подобриле инфраструктурата, економијата, културата и образованието во овие области.
Посебно внимание привлече настапот на Македонскиот народен театар, кој ја отвори првата фестивалска вечер со претставата „Ничија земја“. Настанот се одржа пред преполна сала со 700 гледачи, кои ја наградија извонредната актерска изведба со стоечки овации и петминутен аплауз.
По повод првото издание на фестивалот, градоначалникот на Ќустендил, Огњан Атанасов, му врачи плакета на директорот на МНТ, Никола Кимовски, како признание за учеството и придонесот на македонскиот ансамбл во европскиот културен настан.
Фестивалот ќе трае до 21 септември и вклучува шест претстави на водечки театри од Бугарија, Македонија и Србија, како и независни настапи. Програмата е збогатена со спектакуларни дрон и ласер-шоуа, огномет, креативни работилници за деца, кулинарски демонстрации и изложба на ракотворби.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

