06 мај 2025
• од Вардарски
Во последните години, сѐ повеќе медицински сестри ја напуштаат својата професија, предупредуваат од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За Нас“. Главните причини за оваа загрижувачка појава се нерешениот професионален статус, неповолните услови за работа и недоволната платеност во споредба со големите одговорности кои ги носат.
Според Светската здравствена организација (СЗО), до 2030 година светот ќе се соочи со недостаток од девет милиони медицински сестри. Глобалните политики на СЗО нагласуваат дека итно е потребно вложување во сестринството, не само за стабилизирање на здравствените системи, туку и за зајакнување на националните економии.
Неделата на сестринството, која оваа година се слави под мотото „Нашите сестри. Нашата иднина, грижата за сестрите ја зајакнува економиите“, беше одбележана во Битола од страна на Унијата на Здруженија предводени од „За Нас“. На настанот, претседателката Гордана Бешлиовска ја потенцираше клучната улога на медицинските сестри во здравствените системи, истакнувајќи дека инвестицијата во нив претставува инвестиција во здрава нација.
Бешлиовска посочи дека е неопходно сестрите да добијат поголема автономност, особено во однос на кариерниот развој и признавањето на нивните специјалности, слично како кај докторите. Таа потсети дека Битола има силна традиција во едукацијата на медицински кадар, со Високата медицинска школа и првото средно медицинско училиште во државата, основано во 1947 година.
„Потребно е образовниот систем да произведува што повеќе кадар, со програми усогласени со реалните потреби од теренот. Мора да се отворат дополнителни паралелки со специјални програми за медицински сестри“, истакна Бешлиовска.
Таа најави дека, доколку до крајот на месецот не се реализираат најавените конкурси за вработување на медицински сестри со договор на дело, здружението ќе излезе со силен јавен протест.
На свеченоста во Битола, здружението „За Нас“ порача дека ќе продолжи да ја брани професијата преку едукација, барање исполнување на дадените ветувања и залагање за европски лик и имиџ на македонската медицинска сестра.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

