05 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Во Македонија секоја година околу 20 лица го губат животот поради повреди здобиени на работното место. Повеќето трагедии се случуваат во градежниот сектор, каде падовите од височина се најчеста причина за смрт.
Последниот случај е со 61-годишен работник од Турција, кој на 24 септември паднал од височина на градилиште. Со тешки телесни повреди бил пренесен во комплексот „Мајка Тереза“, но по кратко време им подлегнал на повредите. Возачот кој го однел во болница се обидел да избега, но подоцна бил пронајден од полицијата.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски, вели дека вината лежи во нецелосниот закон за безбедност и здравје при работа, како и во слабите контроли и ниските казни од страна на Инспекторатот за труд.
„За жал, во Македонија бројот на жртви во последните години секогаш е над 20. Бројот на пријавени повредени работници годишно е над 2000. Тоа значи дека секојдневно сè повеќе работници се повредуваат или умираат на своето работно место. Потребна е построга примена на законот, почести инспекции и превентивни мерки за да ги заштитиме работниците. Тие не треба да одат на работа за да загинат, туку да заработат парче леб и да се вратат живи и здрави кај своите семејства,“ изјави Пешевски.
Иако медиумите побарале податоци од Инспекторатот за труд, извештајот за тоа колку контроли се спроведени во 2025 година сè уште не е доставен.
„Постојано апелираме – погледнете во какви услови работат работниците. Ни претходната, ни сегашната влада не преземаат доволно мерки за заштита, особено во ризичните сектори како што се металната индустрија, градежништвото и земјоделството,“ додава Пешевски.
Минатата година во Македонија биле евидентирани 16 смртни случаи од падови на градилишта. Во 2023 година имало 22 жртви, а во 2022 – дури 24. Секоја година, над 2000 лица се повредуваат при извршување на своите работни обврски.
Овие податоци уште еднаш ја потврдуваат итната потреба од засилени инспекциски контроли и построги казни за работодавачите кои не ги почитуваат правилата за безбедност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

