14 април 2025
• од Вардарски
Неготино се најде во фокусот на јавноста откако СДСМ денеска излезе со сериозни обвинувања за тендерски манипулации и екстремно надуени цени при изградбата на новиот пазар во градот. Организацискиот секретар на партијата, Мартин Костовски, на прес-конференција го нарече случајот „скандалозен грабеж“ на грбот на граѓаните.
Во центарот на обвинувањата се наоѓа договорот склучен помеѓу Општина Неготино и фирмата МАСТЕФ ДООЕЛ – компанија за која СДСМ тврди дека е блиска до ВМРО-ДПМНЕ. Според податоците изнесени од партијата, вредноста на договорот изнесува околу 420.000 евра, но токму деталите откриваат, како што велат, невидена злоупотреба.
„На страна 8 од договорот стои сума што не може да се оправда ни со највисоките стандарди во градежништвото – 10.000 денари за еден квадратен метар кровен сендвич панел“, изјави Костовски.
За споредба, реалната пазарна цена за истиот материјал, дури и со вклучена работна рака, не надминува 2.000 денари. Разликата – дури 8.000 денари по м², или околу 130 евра – ја отвора дилемата: дали овие пари завршиле во приватни џебови?
„За вкупно 440 квадратни метри покрив, разликата изнесува неверојатни 60.000 евра. Тоа не е пазар, тоа е злато или, уште полошо, директен криминал“, порача Костовски.
Со обвинувања дека ова не е изолиран случај, туку дел од поширок модел на расипничко трошење во општините под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ го повика Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да реагираат и да ја утврдат одговорноста.
„Граѓаните не заслужуваат да плаќаат петкратни цени за јавни објекти. Заслужуваат отчетност, транспарентност и праведно управување со нивните пари“, рече Костовски.
Партијата најави дека ќе продолжи со обелоденување на слични сомнителни тендерски постапки во други општини низ државата, со цел, како што велат, да се стави крај на „партиската економија и јавните пари кои исчезнуваат без трага“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

