15 април 2025
• од Вардарски
СДСМ денеска излезе со остра реакција и повик до институциите да поведат итна истрага за, како што велат, нов скандал со расипничко трошење јавни пари во општина Неготино. Според информациите изнесени од партијата, за изградба на локален пазар се исплатиле астрономски суми, далеку над реалните пазарни цени.
Според податоците до кои дошле, општината склучила договор вреден околу 420.000 евра со фирмата МАСТЕФ ДООЕЛ – компанија која, според СДСМ, важи за блиска до ВМРО-ДПМНЕ. Договорот се однесува на изградба на пазар, класифициран како „урбана опрема“, но особено сомнителна е, како што се наведува, ставката за кровопокривачки работи.
СДСМ тврди дека за еден квадратен метар сендвич панел, општината платила дури 10.000 денари, иако реалната цена, заедно со работна рака, не надминува 2.000 денари. Разликата од 8.000 денари по квадрат изнесува околу 130 евра, што за вкупно 440 квадратни метри претставува преку 60.000 евра преплатени само за покривот.
„Овие податоци отвораат сериозни сомнежи за организирано испумпување пари на граѓаните. Петпати повисока цена за само една ставка во тендер е огромен скандал“, велат од СДСМ.
Од партијата бараат итна реакција од институциите. „Го повикуваме Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да постапат согласно своите надлежности и да го истражат овој случај“, се вели во соопштението.
СДСМ додава дека ваквиот начин на трошење јавни средства е неприфатлив и дека виновните мора да сносат одговорност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

