СДСМ: Хаос на улиците и нарушена безбедност – Тошковски мора да понесе одговорност
По последната престрелка со смртни последици на Бит Пазар, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) упати остри критики кон министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, обвинувајќи го за сериозно нарушување на јавната безбедност и нефункционирање на институциите.
Според соопштението на СДСМ, граѓаните на Скопје и целата држава се чувствуваат се понебезбедно, додека криминалот и насилството се шират без контрола. Од партијата велат дека наместо ефикасна превенција и брза реакција на институциите, сведоци сме на хаос и нефункционалност во Министерството за внатрешни работи.
„Оваа неспособност директно загрозува човечки животи“, порачуваат од СДСМ, прашувајќи уште колку луѓе треба да загинат пред министерот Тошковски да преземе одговорност.
Социјалдемократите бараат итна и транспарентна истрага за инцидентот на Бит Пазар, целосно расветлување на случувањата и изведување на виновниците пред лицето на правдата. Дополнително, СДСМ апелира за темелна промена на безбедносниот систем и засилување на мерките за зајакнување на јавната безбедност, особено во чувствителните области.
„Граѓаните не заслужуваат да живеат во страв. Тие заслужуваат мирен и безбеден живот, а институциите мора да обезбедат сигурност“, порачаа од СДСМ.