СДСМ: Лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ излезе на виделина со Коридорот 8
Денешното поставување на камен-темелникот за автопатската делница Тетово – Гостивар, како дел од стратешкиот Коридор 8, уште еднаш ја открива целосната дволичност на ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во соопштение за јавност.
Имено, проектот што ВМРО-ДПМНЕ со месеци го оцрнуваше, блокираше и го нарекуваше „историски криминал“ – договорот со градежниот гигант „Бехтел и Енка“ – денес со гордост го промовира и го претставува како своја заслуга.
Од СДСМ прашуваат: ако проектот навистина бил криминал, дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ сега станува дел од тој криминал? Според СДСМ, едно е јасно – лицемерието на ДПМНЕ нема граници, но и покрај тоа е добро што продолжува реализацијата на стратешкиот проект.
СДСМ потсетува дека подготвителните работи, геомеханичките истражувања, проектирањето, усвојувањето на инфраструктурниот план и финансиското обезбедување за оваа 17-километарска делница беа започнати токму во времето на претходната влада. Делницата е дел од вкупно 110 километри опфатени со договорот со „Бехтел и Енка“, кој во јавноста беше оценуван од ВМРО-ДПМНЕ како сомнителен.
Според СДСМ, оваа делница од пат со широчина од 17 метри беше замислена и започната како модерен автопат широк 27 метри – вистински инфраструктурен напредок.
„СДСМ инвестираше, градеше, ВМРО-ДПМНЕ кочеше. Но вистината секогаш излегува на виделина,“ стои во соопштението. Од партијата дополнуваат дека после 10 месеци на власт, ВМРО-ДПМНЕ нема реализирано ниту еден свој инфраструктурен проект, туку единствено ги довршува проектите на претходната влада.