14 април 2026
• од Гоце Кически
СДСМ во најновото соопштение за јавност остро ја критикува состојбата со медиумите во земјава, оценувајќи дека Северна Македонија се наоѓа во „медиумски мрак“, додека надеж гледа во најавените политички промени во Унгарија.
Според СДСМ, идната влада на Тиса, предводена од Петер Маѓар, најавила длабоки реформи во медиумскиот сектор и враќање на Унгарија на европскиот пат. Од партијата сметаат дека овие промени може да имаат позитивно влијание и врз регионот, вклучително и врз медиумските состојби во Северна Македонија.
Во соопштението се изнесуваат сериозни обвинувања дека медиуми поврзани со унгарскиот премиер Виктор Орбан контролираат значителен дел од медиумскиот простор во земјата, при што, како што тврдат од СДСМ, тие биле под влијание на ВМРО-ДПМНЕ.
„Лажни вести, измислени афери и континуирани црни кампањи против СДСМ, како и јавен линч врз претседателот Венко Филипче, станаа секојдневие“, се наведува во реакцијата.
Партијата дополнително тврди дека по нивните изјави за можна политичка промена во Унгарија, се интензивирале нападите врз нив преку медиуми и поединци, вклучително и, како што велат, „измислени афери“ и дезинформации поврзани со различни личности и настани.
Од СДСМ посочуваат дека очекуваат „историските промени“ во Унгарија да придонесат за нормализација на односите со Европската Унија, почитување на владеењето на правото и подобрување на регионалната соработка.
Воедно, тие изразуваат надеж дека ќе дојде до ослободување на медиумите од политички влијанија и воспоставување на слободно, професионално и објективно новинарство и во Северна Македонија.
„Време е за Европа и демократија“, порачуваат од СДСМ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

