11 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Смешни и лажни се изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека по негово барање биле стопирани исплатите од ИПАРД 3, соопшти денеска СДСМ.
Од партијата нагласуваат дека исплатите од ИПАРД програмата не може законски или процедурно да ги стопира ниту премиер, ниту министер, ниту политичка партија, туку тоа е во надлежност на Националниот овластен службеник за авторизација (НОА) – институција што делува во рамките на Министерството за финансии, но работи независно и исклучиво според европските прописи и стандарди.
„НОА не постапува по налог на Владата или на Мицкоски, туку по сигнал од Европската комисија или по внатрешна проценка за ризик во системот на контрола. Мицкоски, обидувајќи се да избегне политичка одговорност, се претставува како контролор на европските пари – апсурд кој ја покажува неговата некомпетентност и паника,“ стои во реакцијата на СДСМ.
Според СДСМ, ИПАРД 3 е суспендиран поради сериозни индиции за корупција, злоупотреби и партиски влијанија во Агенцијата за доделување на ИПАРД средства.
„Апсењето на директорот и неговите соработници, поставени од Мицкоски и министерот Трипуновски, е директна причина за активирање на европскиот механизам за суспензија. НОА постапува за да ги заштити европските средства од понатамошна злоупотреба. Мицкоски не може да го претстави тоа како сопствен успех – ова е санкција од европскиот систем на контрола, доказ за неуспех, а не за резултат,“ велат од СДСМ.
Од опозициската партија потсетуваат дека ова е втор пат во последните 15 години кога ИПАРД програмата се суспендира, и дека двата случаи се случиле додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт.
СДСМ бара одговорност и оставки од надлежните. „Државата не смее повторно да биде понижена од партиски експерименти и корупциски шеми кои ја уништуваат довербата на Европската унија во нашите институции,“ порачуваат од партијата.
Денес ја славиме Света Анастасија – жената што не се уплаши ни од меч ни од маки
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

