26 јануари 2026
• од Тодор Вангелов
СДСМ денеска преку соопштение за јавност ја обвини Владата дека ги занемарува економските проблеми на граѓаните, посочувајќи го премиерот Христијан Мицкоски како пример за, како што наведуваат, луксузен личен стил во услови на ниски плати.
Според СДСМ, Мицкоски се нашол „на врвот на листата на политичари од земји членки на НАТО со најскапи часовници“. Партијата тврди дека, согласно анкетниот лист за имотна состојба, премиерот поседува колекција часовници во вредност од околу 60.000 евра.
Опозицијата ја споредува оваа сума со минималната плата во земјава, која, како што наведуваат, изнесува 396 евра, оценувајќи дека вредноста на часовниците одговара на околу 150 минимални плати. „Дванаесет години треба македонскиот работник да работи за да заработи толку пари, без притоа да троши за ништо друго“, се наведува во соопштението.
СДСМ дополнително го доведува во прашање економскиот наратив на Владата, алудирајќи на изјавите за „четврта економија во Европа“, и посочува дека Македонија има една од најниските минимални плати во регионот. Во соопштението се наведуваат споредбени податоци за минималните плати во Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Албанија.
„Додека работниците бараат повисоки плати, Владата тврди дека нема средства, но пари има за скапи часовници, тендери, нов авион и патувања, како Давос“, соопшти СДСМ, додавајќи дека ваквата политика покажува за што се грижи актуелната власт.
Од Владата и од кабинетот на премиерот засега нема официјален одговор на обвинувањата изнесени од опозициската партија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

