15 април 2025
• од Вардарски
СДСМ жестоко реагира на, како што велат, моралниот пораз на техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, и неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, поради одбивањето да се преземе одговорност за трагедијата што неодамна ја потресе Кочани.
Во соопштението до јавноста, СДСМ посочува дека токму советничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ поднела оставка од морални причини, за разлика од Тошковски, кој и понатаму останува на функцијата, и покрај трагичните последици.
„По најголемата трагедија што ја потресе државата и која се случи во Кочани, требаше да следи морална одговорност од раководството на институцијата задолжена за јавната безбедност – Министерството за внатрешни работи. Наместо тоа, гледаме молк и селективна истрага“, се вели во соопштението.
СДСМ потсетува дека јавноста веќе има увид во селективноста на истрагата. И покрај тоа што вечерта на трагедијата имало присутни полициски службеници и раководители од ОВР Кочани, СВР Штип и БЈБ, никој од нив сè уште не е опфатен со истрагата. Според партијата, тие имале целосен увид во ситуацијата – знаеле за присуството на малолетници и за употребата на пиротехнички средства – но не презеле ништо за да ја спречат несреќата.
Дополнително, СДСМ потсетува дека дури и дозволата за употреба на пиротехнички средства, што била директна причина за пожарот, паѓа под надлежност на МВР. Сепак, и покрај тоа, од Министерството ниту еден актуелен функционер не е осомничен.
„Зошто нема одговорност за дежурните полициски службеници и функционери? Зошто се гонат лица кои не биле ни надлежни, а се штитат оние што требале да реагираат и можеби да спасат човечки животи?“, прашуваат од СДСМ.
Партијата порачува дека одбивањето на Тошковски да понесе одговорност е директно понижување на правдата и уште еден доказ за селективна заштита на функционери блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

