СДСМ објави видео: Брат на градоначалникот на Гази Баба дивее со „Мини Купер“, полицијата не реагира
СДСМ денеска објави видео-снимка за која тврди дека потекнува од полициски радар и на која се гледа како Далибор Стефковски, братот на градоначалникот на општина Гази Баба, Борче Стефковски, управува со возило со преголема брзина, без да биде санкциониран од страна на полицијата.
Според информациите на СДСМ, инцидентот се случил на 20 април во 18:30 часот на булевар „Александар Македонски“. Радарот регистрирал дека возилото „Мини Купер“, управувано од Далибор Стефковски, се движело со брзина од 88 километри на час, иако максимално дозволената брзина на таа делница е 50 километри на час.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, истакна дека и покрај очигледното прекршување на сообраќајните правила, полицијата не презела никакви мерки против сторителот. Таа го обвини Министерството за внатрешни работи за недоследност и повика на истрага за сите инволвирани полициски службеници.
„Полна му беше устата на Тошковски со празни ветувања дека секој еден ќе одговара. Ако за брат на функционер на ВМРО-ДПМНЕ нема одговорност, што да очекуваат граѓаните за самите повисоки функционери?“ рече Кузеска.
Од СДСМ дополнително информираа дека снимката од радарот е обезбедена од свиркачи од редовите на МВР.