30 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
СДСМ жестоко реагира на постапката на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, кој на денешната прес-конференција објави фотографија од, како што тврди, човек што бил фатен при подметнување пожар и кој, според него, бил поврзан со поранешниот премиер Зоран Заев.
Од СДСМ тврдат дека станува збор за „класична политичка монтажа и опасна манипулација“, при што објавената фотографија, според нив, не го прикажува лицето кое било приведено за подметнување пожар во Струмичкиот регион. Според соопштението на партијата, човекот од фотографијата се презивал Барабановски и нема никаква поврзаност со настанот што го спомнува Лефков.
„Наместо да понуди вистинити информации, Лефков пласира лажна фотографија од сосема друг човек, со очигледна цел да ја поврзе трагедијата од пожарите со СДСМ и Зоран Заев. Ова е очаен обид за дефокус од неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ да се справи со пожарите и кризите“, стои во реакцијата на СДСМ.
Партијата истакнува дека во нормална демократија, пратеник кој изнесува лажни обвинувања со фалсификувани докази би поднел оставка. „Но не и Лефков. Тој продолжува да ја труе јавноста со лажни вести, дури и по цена на нарушување на истрагите и човечки животи“, додаваат од СДСМ.
Од партијата побараа Јавното обвинителство веднаш да покрене постапка за ширење лажни информации и загрозување на правната сигурност, а Лефков да се извини и на човекот што го обвинил, и на целата јавност.
СДСМ најави и тужба за клевета и нарушување на угледот, повикувајќи ги медиумите да внимаваат да не бидат, како што велат, „злоупотребени како алатки за ширење лаги и монтирани конструкции на ВМРО-ДПМНЕ“.