22 септември 2025
• од Тодор Вангелов
На денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, остро ја критикуваше власта и предупреди на сериозните последици од партизацијата и, како што рече, неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ во управувањето со клучни институции.
Кузеска информираше дека радар во Контролата на летање на скопскиот аеродром се расипал, со што безбедноста на патниците и граѓаните е директно доведена во прашање. Според неа, авионите кои слетуваат во Македонија моментално зависат од бавни процедури и од поддршка на радари од соседните земји.
„Ова не е само технички дефект, туку последица на насилното вдомување на партиски кадри во една од најважните институции за безбедноста на сите нас. Наместо професионалци, таму се вработуваат луѓе по партиска линија, а резултатот е хаос и импровизација“, истакна Кузеска.
Таа потсети дека контролорите со месеци предупредувале дека клучната опрема, вклучително и радарите и софтверот, е на работ на функционалноста, но властите, како што рече, останале глуви на тие апели. Иако новото раководство ветило дека наскоро ќе биде инсталиран нов систем, тоа сè уште не се реализирало.
„Сега прашуваме: кој ќе ја преземе одговорноста за расипаниот радар? До кога безбедноста на граѓаните ќе зависи од импровизациите на ВМРО-ДПМНЕ?“ – рече портпаролката.
СДСМ обвини дека Македонската навигација е претворена во нов плен за партиски вработувања и договори за „своите“, со што државата изгледа несериозно пред светот, а институција што треба да биде симбол на професионализам е сведена на „партиска филијала“.
Кузеска порача дека овој модел е веќе видлив низ здравството, образованието и јавните претпријатија, каде што, како што оцени, партиските влијанија секогаш носат корупција, неработење и колапс.
„Граѓаните заслужуваат институции што функционираат и кадри избрани по знаење, а не по партиска припадност. СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на институциите на професионалците и граѓаните, затоа што само така можеме да изградиме безбедна и сигурна Македонија“, заврши таа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

