Во македонското Собрание, парламентарната група на СДСМ и коалицијата поднесоа Предлог-закон со кој се предвидуваше сеопфатна и праведна поддршка за жртвите, преживеаните и семејствата настрадани во трагичниот настан во Кочани на 16 март, кога животот го загубија 62 лица, а над 200 беа повредени. Но, законот беше одбиен од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ велат дека со тоа опозицијата свесно ги ускрати семејствата од правична и заслужена помош, и ги посочуваат конкретните мерки што биле предвидени со законот:
- Еднократна финансиска поддршка од 80.000 евра за секое семејство на починат, како надомест за душевна болка и нематеријална штета.
- Финансиска поддршка за повредените, во износ од 1.200.000 до 5.000.000 денари, во зависност од степенот на инвалидитет.
- Покривање на трошоци за лекување, како хируршки интервенции, психолошка рехабилитација, лекови, помагала, сместување и транспорт – и дома и во странство.
- Образовна поддршка за ученици и студенти: онлајн настава, ослободување од приемни и матурски испити, како и стипендии до крајот на нивните студии.
- Платено отсуство од најмалку шест месеци за родители на повредени деца, со можност за продолжување по лекарска препорака.
- Скратено работно време до една година за родители во приватниот сектор, со покриени придонеси од државата.
- Психосоцијална и правна помош за повредените и за семејствата на загинатите, најмалку во времетраење од една година.
- Домашна нега и поддршка од социјални работници за лицата кои добиле инвалидитет како последица од трагедијата.
- Државна поддршка за преквалификација и самовработување за повредени кои не можат да се вратат на своите претходни работни места.
- Можност за адаптација на домот и набавка на возило за лицата со траен инвалидитет.
- Формирање на независна Комисија за проценка и следење, составена од стручњаци, претставници на институции и членови на семејствата на жртвите.
- Проширување на примената на законот и за претходни трагедии со македонски граѓани – Ласкарци (2019), Тетово (2021), и автобуската несреќа кај Струма во Бугарија (2021).
СДСМ посочува дека овој закон претставувал чин на општествена одговорност, човечност и поддршка кон најтешко погодените, но со неговото одбивање, ВМРО-ДПМНЕ испратиле порака дека не се на страната на граѓаните во време на криза. Партијата најави дека ќе продолжи да се залага за системска грижа и солидарност со сите кои се соочуваат со трагедии.