24 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Опозициската СДСМ остро реагира на изјавите и јавните настапи на претставници на ВМРО, обвинувајќи ги дека постојано ја префрлаат вината за економските проблеми во државата на други субјекти, наместо да преземат одговорност.
Од СДСМ велат дека во последниот период јавноста е сведок на настапи во кои се зборува за внесување на Бугарите во Уставот, а истовремено, според нив, ВМРО пласира наративи со кои индиректно ги обвинува Бугарите и за актуелното поскапување на електричната енергија.
„Дали сега за поскапувањето на струјата се виновни Бугарите?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека ова е уште еден обид за дефокус од реалните проблеми.
Во соопштението, опозициската партија иронично прашува дали за состојбата во енергетиката повторно се виновни поранешни функционери на СДСМ, вклучително и лица кои со години не се активни во политиката.
„Секогаш некој друг е виновен за криминалот и корупцијата на ВМРО. Сега излегоа со ново ‘сензационално’ сознание – Бугарите се виновни што нема мазут и што поскапе струјата“, наведуваат од СДСМ.
Оттаму предупредуваат дека ваквата реторика ќе продолжи и во иднина, оценувајќи дека наскоро ќе се појават нови „виновници“ и за недостигот од една милијарда евра во државниот буџет.
„Како ВМРО ги гледа граѓаните во Македонија? Дали со ‘магарешки уши’? Да не беше тажно – ќе беше навистина смешно“, порачуваат од СДСМ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

