05 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Секој трет граѓанин во Македонија признал дека дал мито за да му се заврши некоја работа, покажуваат најновите податоци на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Оваа загрижувачка слика беше презентирана од директорот Александар Кржаловски на настан посветен на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, 9 Декември.
Според Кржаловски, 37% од испитаниците изјавиле дека им било побарано мито, а 31% навистина дале мито. Иако претходните години корупцијата беше перцепирана како најголем проблем, сега е на второ место, но сепак останува широко распространета и, за жал, „доста прифатена“.
Извештајот покажува ниско ниво на доверба во клучните правосудни фигури – судиите и јавните обвинители се на дното на листата. Довербата во Парламентот како институција е на повисоко ниво, иако политичарите и пратениците не уживаат голема доверба како индивидуи.
Кржаловски изјави дека антикорупциската комисија (ДКСК) ја задржала довербата од 32%, додека Министерството за внатрешни работи забележува пораст на довербата – 50%.
Бен Нупнау, заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје, нагласи дека Европската Унија ја продолжува поддршката за Македонија во областа на владеење на правото, но предупреди дека „борбата против корупцијата бара силна политичка заложба и континуирана работа“.
Нупнау потсети дека и самата ЕУ не е имуна на корупција, наведувајќи ги неодамнешните скандали со поранешни високи претставници како Федерика Могерини и Стефано Санино. Тој најави нова европска директива за борба против корупцијата, потенцирајќи дека три години по ред во извештајот на Европската комисија нема прогрес во оваа област во Македонија.
Швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер истакна дека корупцијата го попречува одржливиот развој и ја поткопува довербата во институциите. Тој повика на системски пристап и имплементација на препораките од ЕК.
Шведскиот амбасадор Ола Сулстром ја нарече корупцијата „болест на општеството“ која ги црпи ресурсите од здравството, образованието и економскиот развој, предупредувајќи дека младите, поради неа, се одлучуваат да ја бараат својата иднина надвор од земјата.
„Не смееме да ја сведеме борбата против корупцијата на еднодневен настан. Тоа мора да биде секојдневна работа“, рече Сулстром.
Едвард Андерсон од Мисијата на ОБСЕ истакна дека не е доволно само да се зборува за корупцијата, туку се потребни луѓе кои ќе ги спроведуваат антикорупциските политики во пракса. ОБСЕ, како што рече, работи на повеќе нивоа – со локалната и централната власт, но и со сите општествени актери, со цел да се изгради силен и инклузивен фронт против корупцијата.
Новите податоци на МЦМС уште еднаш потврдуваат дека корупцијата останува хроничен проблем во македонското општество. Иако има поединечни подобрувања во довербата кон некои институции, недоволниот прогрес, потребата од политичка волја, и ширењето на прифатеноста на мито, укажуваат дека борбата против овој феномен бара коренити, доследни и системски промени – не декларативна, туку реална акција.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

