Сестрата на Теодора низ солзи: Како да ѝ одам на гроб и да ѝ кажам – биди задоволна со две години казна за убиецот?
Со длабока болка и солзи во очите, Ева Ристовска, сестрата на трагично починатата Теодора, денеска се обрати пред јавноста прашувајќи – колку вреди животот во Македонија? Во емотивно сведоштво кое не остави никого рамнодушен, Ева зборуваше за неподносливата неправда што ја чувствува нејзиното семејство по изречената казна од само две години затвор за лицето обвинето за смртта на нејзината сестра.
„Колку вреди животот на сестра ми? Дали некој може да ѝ го врати? Дали нејзината младост може некој да ја врати? Мојата младост, мојата душа – дали може некој да ми ги врати?“ – со треперлив глас запраша Ева. Нејзините зборови беа полни со болка, но и со гнев поради правосудниот систем кој, според неа, дозволува животот на млад човек да се претвори во статистика со минимални последици за сторителот.
Таа додаде дека и максималната казна од пет години не би ја избришала нивната тага, но барем би ја олеснила маката што секојдневно ја носат. „Како да ѝ одам на гробот на сестра ми и да ѝ кажам – биди задоволна со две години?“, запраша низ солзи.
Ова сведоштво на Ева Ристовска уште еднаш го отвора прашањето за правдата во македонското општество и за вреднувањето на човечкиот живот во судските процеси. Семејството Ристовски, но и јавноста, бараат одговорност и вистинска правда – не само за Теодора, туку и за сите чии животи згаснале, а за тоа никој не одговара доволно строго.