19 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, заедно со кандидатката за градоначалник на Бутел, Оливера Ливриниќ, кандидатите од советничката листа и генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитриевиќ, денес во општина Бутел разговараа со граѓаните за плановите за озеленување и подигнување на квалитетот на живот во градот.
Во рамки на програмата, Шукова најави дека во првите 15 месеци ќе започне реализацијата на проект за 15 нови паркови во сите скопски општини и засадување на 10.000 дрва, меѓу кои и овошни садници. Посебен акцент ќе биде ставен на густо населените подрачја, со приоритет на урбаните заедници кои најмногу се соочуваат со недостаток на зеленило.
„Ќе рехабилитираме запуштени површини, ќе поставиме урбана опрема, клупи, осветлување, зони за рекреација, па дури и посебни паркови за миленици. Зелените коридори што ќе ги воспоставиме ќе ја поврзат природата со секојдневието на граѓаните,“ истакна Шукова.
Таа нагласи дека новите паркови претставуваат инвестиции во здравјето на граѓаните, квалитетот на воздухот и секојдневниот живот. „Зеленото е наша стратегија, не само украс. Скопје ќе дише повторно,“ порача кандидатката.
На средбата зборуваше и кандидатката за градоначалник на Бутел, Оливера Ливриниќ, која потенцираше дека општината стагнирала во изминатите четири години.
„Бутел стагнираше цели четири години. Имаше многу ветувања – но речиси никаква реализација. Затоа нашата програма е директно заснована врз реалните потреби на жителите. Нема веќе да толерираме неуредени простори и диви депонии. Ќе создадеме чиста, уредена и безбедна општина,“ истакна Ливриниќ.
Тимот на Шукова истакна дека има подготвени реални, издржани и остварливи решенија за зеленото Скопје. Со проектот за нови паркови и обновени јавни простори, целта е Скопје да стане град кој повторно ќе дише – со повеќе зелени површини, чиста средина и квалитетен простор за сите граѓани.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден