11 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Независниот синдикат на државната администрација и Независниот синдикат на судската администрација денеска упатија серија барања за подобрување на условите за работа во судовите, по одржаната средба со претседателот на Судскиот совет.
Синдикатите предупредија дека судската администрација се соочува со сериозен недостиг на кадар, поради што, како што нагласи претседателот на синдикатот Горан Ристески, вработените извршуваат обврски за повеќе колеги одеднаш.
„Моментално има голем недостиг на персонал, а вработените се принудени да извршуваат задачи за двајца, тројца, па дури и четворица колеги. Додатоците на плата не се исплатени од март, што е неприфатливо“, истакна Ристески.
Претседателката на Независниот синдикат на судската администрација, Јасмина Величкова, побара итно усвојување на законот за судска служба, кој, според неа, е целосно подготвен уште во јуни, но сè уште не е ставен на гласање. Величкова нагласи дека е неопходно платите на судската служба да бидат усогласени со платите на судиите, во сооднос од 60 до 80 проценти, со цел да се обезбеди пропорционален раст.
Таа дополнително предупреди дека доколку не се исплатат додатоците и не се обезбедат финансиски средства, синдикатите ќе бидат приморани да најават генерален штрајк во сите судови.
„Ако не се исплатат додатоците и не се обезбедат средства, ќе бидеме приморани да најавиме штрајк во сите судови. Чашата веќе се прелеа“, изјави Величкова, посочувајќи дека на последната седница на Буџетскиот совет повторно не биле обезбедени средства за ноемвриските додатоци.
Синдикатите најавија дека преговорите со Владата и Министерството за финансии ќе продолжат, а јавноста ќе биде навремено информирана за сите следни чекори.
СДСМ бара одговор: Ќе ја потпише ли ВМРО-ДПМНЕ Резолуцијата за мигрантите?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

