26 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Стопанската комора на Северна Македонија јасно порача дека проблемот со примената на правилото 90/180 дена за професионалните возачи во товарниот патен транспорт мора да се решава исклучиво преку институционални канали и дијалог со Европската Унија, а не преку блокади на граничните премини кои директно ја загрозуваат економијата. Ставот на Стопанска комора на Северна Македонија е недвосмислен: протестните најави и притисоците на терен не се решение, туку ризик за целокупниот стопански систем на земјата и регионот.
Комората предупредува дека дури и еднодневно нарушување на протокот на стоки кон ЕУ би предизвикало сериозни штети, а камоли блокади од повеќе денови. Последиците не би ги сноселе само транспортерите, туку и сите извозно ориентирани компании: договорни пенали, откажани нарачки, застои во производството, нереализиран извоз и недостиг на суровини. Тоа би значело удар врз кредибилитетот на македонската економија токму во момент кога земјата мора да демонстрира зрелост и европска одговорност.
Минатата недела Комората, заедно со стопанските комори од Западен Балкан, упати заеднички апел до претседателката на Европската комисија со барање за привремени мерки што ќе им овозможат на професионалните возачи непречено да го извршуваат меѓународниот транспорт сè додека не се воспостави трајно и системско решение во рамки на ЕЕС. Овој конструктивен пристап, насочен кон институциите на ЕУ, е во целосна согласност со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и со целта за постепена интеграција на економиите во Единствениот пазар.
Комората потенцира дека Западен Балкан, како регион на јасен и недвосмислен пат кон членство во ЕУ, заслужува поедноставена и диференцирана примена на режимот ЕЕС, што ќе го одрази статусот на партнер во пристапувањето. Спротивно на тоа, популистичките и протестни потези, често инспирирани од антиевропски наративи и регионални политички влијанија кои не му посакуваат добро на европскиот курс на земјата, само ја поткопуваат довербата и го оддалечуваат решението.
Факт е дека Европската Унија е најважниот извозен пазар на Северна Македонија, со над три четвртини од вкупниот извоз. Затоа, стратешки интерес на државата е да ги зачува стабилните синџири на снабдување и непречениот проток на стоки. Европската интеграција не се гради со блокади и конфликти, туку со институционална соработка, усогласување со европските правила и јасна политичка волја за реформи. Само таков пристап ја носи земјата поблиску до полноправно членство во ЕУ и трајна економска стабилност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

