24 март 2025
• од Гоце Кически
Во денешната координација која се одржа во Владината сала во Собранието, на чело со претседателот на Собранието Африм Гаши, потпретседателката Бендевска, координаторите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, како и претставник од Владата и генералната секретарка на Собранието, беше донесена одлука да се откажат сите активности на Собранието за оваа работна седмица.
Со оваа одлука, пратениците изразија сочувство за трагедијата во Кочани, во која животот го загубија повеќе граѓани, додека повредените се борат за закрепнување. Но, наместо итно усвојување на закони и мерки кои би спречиле вакви трагедии во иднина, Собранието фактички гласа за „одмор“ за себе.
Граѓаните се револтирани од ваквиот пристап, потенцирајќи дека институциите треба да работат на итни решенија за подобрување на безбедноста и животните услови, наместо да ги прекинуваат своите обврски. Во време кога земјата се соочува со кризи и трагедии како онаа во Кочани, потребни се одлуки кои ќе донесат промени, а не декларативни изјави и симболични гестови.
Со откажувањето на оваа работна недела, Собранието пропушта можност да дискутира и да усвои важни закони, кои би можеле да имаат директно влијание врз спречување на нови катастрофи. Наместо тоа, одлуката да не се одржуваат седници или брифинзи со новинари, создава впечаток дека приоритет на пратениците е избегнување на одговорност, наместо решавање на горливите проблеми.
Граѓаните прашуваат: Дали ова е начинот на кој Собранието покажува почит кон жртвите? Наместо работа и донесување итни мерки, пратениците изгласуваат „пауза“ во време кога е најпотребна нивната активност.
Време е Собранието да ја преземе својата одговорност и да покаже дека е тука за граѓаните, не само со зборови, туку и со дела.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

