Спасовски: Мора да покажеме солидарност со родителите на настраданите во Кочани
Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека поднесувањето на предлог-законот за поддршка на настраданите од трагедијата во Кочани и нивните семејства е израз на неопходна солидарност и грижа за најпогодените. Тој во гостувањето на Дневникот на Сител телевизија нагласи дека државата мора да покаже дека граѓаните имаат на кого да се потпрат во вакви тешки моменти.
Спасовски појасни дека предлог-законот опфаќа здравствена, социјална, психосоцијална и друга форма на помош, нагласувајќи дека е потребна заемна соработка на сите политички партии за негово усвојување.
„Во вакви моменти мора да покажеме солидарност, визија и да им дадеме до знаење на граѓаните дека имаат на кого да се потпрат“, изјави Спасовски.
Тој се осврна и на истрагата за трагедијата во Кочани, потенцирајќи дека таа мора да биде транспарентна, неселективна и да ја утврди одговорноста на сите инволвирани страни.
„Обвинителството треба да ја води истрагата, а Министерството за внатрешни работи (МВР) треба целосно да соработува и да ги преземе сите потребни активности. Очекуваме транспарентна и неселективна истрага и одговорност за сите инволвирани“, истакна Спасовски.
Тој додаде дека и по несреќата се забележуваат негативни безбедносни трендови, инциденти и институционални пропусти, нагласувајќи дека граѓаните очекуваат системски промени.