09 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Еден од највпечатливите симболи е споменикот „Илинден“ во Крушево, попознат како Македониум, денес се наоѓа во алармантна состојба. Наместо да сведочи за истрајноста и жртвата на генерациите, тој тоне во вода и заборав.
При секој посилен дожд, подот на споменикот се претвора во езерце. Водата не само што го поплавува ентериерот, туку стигнува и до гробот на Никола Карев, претседателот на Крушевската Република, чијашто фигура е длабоко врежана во македонската историја. Витражите, кои некогаш го осветлуваа просторот со симболика и боја, се сериозно оштетени. Подот е испукан, а металните рамки на прозорците кородираат, оставајќи впечаток на запуштеност и безнадежност.
Од Завод и музеј Прилеп, институцијата задолжена за заштита на споменикот, велат дека не постојат средства за негова санација. Дополнителен проблем претставува фактот дека денес веќе нема доволно стручни кадри со знаење и искуство потребни за реставрација на ваков објект. Оваа комбинација на финансиска немоќ и кадровски дефицит го остава Македониумот на милост и немилост на времето и природата.
Иако целосната реконструкција сѐ уште не е на повидок, најавено е дека во 2026 година ќе започне уредување на партерниот дел пред споменикот. Сепак, останува нејасно дали тоа ќе биде доволно за да се спречи неговото понатамошно пропаѓање и дали Македониумот ќе може повторно да ја добие својата достојна улога – да биде храм на сеќавањето и гордоста.
Состојбата на „Илинден“ во Крушево е повеќе од прашање на архитектонска заштита. Тоа е прашање на однос кон сопствената историја, кон симболите што ја дефинираат националната свест. Доколку не се преземат итни мерки, Македониумот ризикува да стане нем сведок на заборавот, наместо жив споменик на борбата и жртвата за слобода.
Нема бесплатен влез во ЕУ – нови правила за патување, потребен и документ
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден