12 април 2025
• од Вардарски
Гнев и тага предизвика веста дека вечното почивалиште на Ѓорги Ѓоргиев, младиот тапанар на популарниот македонски бенд ДНК, кој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, било осквернавено од крадци.
Според објава на социјалните мрежи, две лица – маж и жена – два последователни дена краделе предмети и украси од неговиот гроб, вклучувајќи цвеќиња, декоративни елементи, па дури и обична метла оставена за одржување на гробното место.
Мајката на Ѓорги, со емотивна порака на социјалните мрежи, го сподели своето олеснување што сторителите се фатени:
„Тато ги фати, сине. Два дена седеше цел ден да ги чека, ама успеа. Успеа, сине, како што успеа да ве направи најпристојните деца,“ напиша таа.
Од струмичката полиција за „Курир“ потврдија дека случајот бил пријавен на 11 април, од страна на таткото на Ѓорги.
„Во Полициската станица Струмица, Д.Ѓ. (46) од Струмица пријавил дека од надгробно место на неговиот покоен син, лоцирано на Градските гробишта во Струмица, биле одземени украси и други предмети. По преземените мерки, се откриени сторителите – В.С. (61) и Т.С. (60), и двајцата од село Баница, струмичко,“ изјави портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова.
Таа додаде дека, бидејќи станува збор за дело за кое гонењето се презема по приватна тужба, пријавителот ќе биде известен за идентитетот на сторителите и ќе може да преземе натамошни правни чекори.
Инцидентот предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде граѓани изразуваат згрозеност и револт од нечовечкиот чин. За многумина, ова е уште една потврда за потребата од строги санкции за ваквите дела, кои ја навредуваат не само болката на семејствата, туку и достоинството на покојниците.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

