25 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Српскиот турист Душко Перин јавно изрази големо разочарување и револт по посетата на манастирот „Св. Наум“ на Охрид. Во објава на својот Фејсбук профил, Перин напиша дека сцената која ја затекнал таму го потресла толку многу што „веќе два дена не може да дојде при себе“.
Според неговите зборови, тој со семејството тргнал на пат знаејќи дека ќе посети православни свети места и се подготвил со должно почитување:
„Знаев каде одам и какви светињи ќе посетам, па се спремив за тоа, ја подготвив жена ми и децата, се облековме пристојно, свесни дека е лето и дека ќе биде 35 степени, но тоа не е пречка кога се оди во светиња“, напишал Перин.
Она што најмногу го погодило биле условите и атмосферата во манастирот. Перин остро ја критикува Македонската православна црква – Охридска архиепископија, обвинувајќи ја за „профанизација“ на светиот простор:
„Наплата на паркинг, наплата за влез во Црквата за да се помолиш, да целиваш икона и мошти... вашар во дворот каде што се продава кинеска роба и сувенири без никаква врска со манастирот. Плажата во рамките на ѕидините, каде што шетаат голи жени и мажи... монаси во кафана сред пост, луѓе во гаќи и полуголи жени со истурени гради влегуваат во храм...“, наведува туристот.
Перин ја нарекува оваа состојба „неверојатна“ и „срамна“, а дел од објавата ја завршува со остри зборови:
„Таа багра од МПЦ треба да биде изопштена од христијанството, а не да управува со светињи. Манастир од 12. век со ПВЦ столарија! И нашиот патријарх им дал дозвола да прават што сакаат... уште не можам да дојдам при себе.“
Објавата на Перин веќе предизвикува реакции на социјалните мрежи. Некои корисници се согласуваат со неговата критика и сметаат дека светињите мора да се заштитат од комерцијализација, додека други укажуваат дека туристичката природа на Охрид и популарноста на манастирот довела до ваква состојба.
Манастирот „Св. Наум“, еден од најзначајните православни центри во Македонија, со години е и меѓу најпосетените туристички локации на Охридското Езеро, што често предизвикува судир меѓу духовната и туристичката функција на просторот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

