10 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Две големи странски компании кои со години работеа во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) „Бунарџик“ во Скопје се подготвуваат да го напуштат македонскиот пазар, објави телевизија Телма. Според информациите, станува збор за американските компании „Аптив“ и „Дура“, кои најдоцна до крајот на следната година ќе го прекинат своето производство во земјава.
Компанијата „Аптив“ потврди дека планира консолидирање на производството на компонентите за напредна безбедност и корисничко искуство во Европа. Овој процес, како што објаснија, ќе резултира со затворање на фабриката во Скопје.
„Имаме сеопфатен план за поддршка на нашите вработени во текот на транзицијата, во согласност со локалните закони и прописи за труд. Се очекува имплементацијата да биде завршена до четвртиот квартал од 2026 година,“ соопштија од „Аптив“.
Неофицијално, компанијата од август досега го намалила бројот на вработени за околу 30 проценти. Од ТИРЗ потврдија дека се во контакт со менаџментот на „Аптив“, кој води преговори со други мултинационални компании за евентуално преземање или продажба на бизнисот во Македонија.
Втората компанија што ќе замине од земјата е „Дура“, исто така американска. Одлуката веќе е соопштена до ТИРЗ, од каде најавија дека ќе побараат делумно враќање на државната помош, бидејќи не се исполнети договорените обврски.
„Според официјалното известување што го добивме од ‘Дура’, компанијата го запира производството поради откажување на нарачките од главниот купувач,“ велат од ТИРЗ.
Иако моментално нема индикации дека ќе заминат и други странски компании, од ТИРЗ информираат дека се во напредни преговори со осум нови потенцијални инвеститори. Сепак, податоците на Народната банка укажуваат на загрижувачки тренд — во првата половина од оваа година приливот на странски инвестиции е значително намален.
Лани, заклучно со јуни, инвестициите изнесувале над 560 милиони евра, додека годинава се сведени на нешто над 200 милиони евра.
Заминувањето на „Аптив“ и „Дура“ претставува удар за македонската економија и сигнал за потреба од стабилна индустриска политика и подобри услови за задржување на странските инвеститори. Додека државата се обидува да привлече нови компании, останува прашањето — дали сегашните економски и пазарни услови можат да ги задржат постојните инвеститори во земјава.
Денеска се празнува Светата маченичка Параскева – симбол на верата и милосрдието
Поминаа 72 часа – Орце не го исчисти Скопје, населбите се потонати во ѓубре
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

