11 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Синдикатот на контролорите на летање, Александар Тасевски, во изјава за 24 Инфо потврди дека контролорите на летање ќе го реализираат најавениот штрајк на 20 октомври, во периодот од 10 до 15 часот. За тоа време нема да има полетувања и слетувања на Скопскиот и Охридскиот аеродром, а капацитетот за прелетите ќе биде намален за 50 проценти.
Тасевски нагласи дека штрајкот е во согласност со Законот за воздухопловство и колективниот договор на М-НАВ, при што синдикатот ги испочитувал сите законски чекори, вклучувајќи ја постапката за најава и помирување.
„Стоиме на тоа дека сме комплетно исправни“, рече Тасевски, додавајќи дека директорите имаат законска обврска навремено да ги известат авиокомпаниите и корисниците на воздушниот простор за најавениот штрајк, за да не се доведат во ситуација да имаат планирани летови кои нема да можат да ги реализираат.
Тој потсети дека и во минатото, при слични штрајкови, Државниот трудов инспекторат констатирал дека постапките на контролорите биле целосно законски, и покрај тоа што имало политички притисоци.
Претседателот на синдикатот категорично одби било какви обвинувања дека штрајкот може да ја загрози безбедноста во воздушниот сообраќај.
„Директорите се тие кои сеат страв и паника кај јавноста, обидувајќи се да ја префрлат вината за сопствената неспособност врз контролорите“, истакна Тасевски.
Тој додаде дека контролорите никогаш нема да дозволат да се загрози безбедноста на патниците, но дека ќе го спроведат штрајкот затоа што раководството не ги исполнило ветувањата за нови системи, вработувања и потребните анализи.
Тасевски објасни дека небото нема целосно да се затвори, туку ќе се работи со еден сектор и ограничен број на прелети – максимум 30 авиони, што е приближно 50 проценти од вообичаениот капацитет.
„Можевме да го затвориме целосно небото, но одлучивме засега да го намалиме капацитетот. Штрајкот ќе се повторува секој понеделник во истиот термин“, рече тој.
Со ваквата најава, контролорите на летање остануваат цврсти во својата одлука да штрајкуваат сè додека раководството на М-НАВ не ги исполни своите обврски. Тасевски повтори дека штрајкот не е насочен против патниците, туку против, како што рече, „неспособноста и незаинтересираноста на менаџментот“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

