13 мај 2025
• од Вардарски
„Судот мафија!“ – извика со скршен глас Тодор Кулаков, таткото на трагично настраданата Фросина Кулакова, откако судот денеска му изрече казна затвор од 12 години на Васил Јованов, кој на 29 јануари ја прегази неговата ќерка.
Овој момент на гнев и очај го обележа крајот на судскиот процес што го следеше целата јавност. Јованов, тогаш 20-годишен, управувал автомобил без возачка дозвола, под дејство на алкохол, со брзина од 91 километар на час – речиси двојно над дозволеното – кога на обележан пешачки премин удрил во ќерката на Кулаков, Фросина, додека таа минувала улица на зелено светло. Од силината на ударот, младата девојка починала на самото место.
Иако обвинителството бараше строга казна, родителите и блиските на Фросина сметаат дека 12 години затвор не ја одразуваат тежината на делото, ниту болката што им е нанесена.
„Ова не е правда. Ова е понижување за секој родител, за секој човек кој верува во закон и ред“, изјави видно потресениот Кулаков пред новинарите по изрекувањето на пресудата.
Случајот на Фросина Кулакова стана симбол на повикот за поригорозни казни за сообраќајни несреќи предизвикани од несовесно возење и пијанство. Граѓански организации и активисти за безбедност во сообраќајот најавија нови протести и кампањи за измена на законите, со цел да се воведат повисоки минимални казни за вакви тешки кривични дела.
Семејството Кулаков, пак, најави жалба на пресудата, со надеж дека второстепениот суд ќе ја преиспита казната и ќе донесе, како што велат, „вистинска правда за Фросина“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

