24 април 2025
• од Вардарски
На денешната седница посветена на пратенички прашања, пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, остро ја критикуваше власта поради, како што рече, отсуството на било каква морална или политичка одговорност по трагичната несреќа што неодамна се случи во Кочани.
„За несреќата во Кочани никој не поднесе оставка, ниту од морални причини. Дали имам право да зборувам за морал? Апсолутно го имам целото право“, истакна Трајчулески, додавајќи дека оставките од морални причини се чин на одговорност и зрелост, кои, според него, очигледно недостасуваат во актуелната власт.
Пратеникот ја критикуваше и транспарентноста на истрагата, посочувајќи на неусогласеноста во изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. „Не се знае дали обвинителството е подредено на министерството или обратно“, рече Трајчулески, нагласувајќи дека ваквиот амбигвитет создава сомнежи за селективна правда и разводнета истрага.
Тој изрази жалење што, и покрај тежината на несреќата, досега ниту еден функционер не се повлекол, ниту покажал свест за морална одговорност. „Факт е дека се создаде перцепција дека имаме селективна правда. А селективна правда не е никаква правда“, изјави тој.
Трајчулески апелираше дека вистинската правда може да произлезе само ако се почитува владеењето на правото, а не политичките интереси. „Само правда според законот, а не според политиката, може барем малку да ги утеши родителите што секојдневно протестираат“, додаде тој.
Во своето излагање, пратеникот посочи дека граѓаните на Кочани, како жители на мал град, добро знаат кој ја сноси одговорноста. „Во малите градови сè се знае. Ништо после Кочани нема да биде исто“, заклучи Трајчулески.
Изјавата на Трајчулески доаѓа во време кога јавноста сè уште очекува конкретни резултати од истрагата и јасни чекори на одговорност од институциите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

