29 мај 2025
• од Вардарски
Во своето обраќање на денешната собраниска седница, пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулевски, остро реагираше на предложениот Закон за ратификација на Договорот за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство, посочувајќи дека ваквите заемни договори не смеат да бидат замена за неповратните средства што нашата држава може да ги добие преку европските фондови.
Трајчулевски го постави прашањето што сè почесто се отвора во јавноста: „Зошто кредит од 6 милијарди евра, кога постојат грантови од ЕУ кои не мора да се враќаат?“ Според него, користењето на кредити, наместо на неповратни средства, го оптоварува буџетот и ги задолжува идните генерации.
„Не постои ниту една држава што поединечно може да обезбеди поддршка како Европската Унија“, рече Трајчулевски, нагласувајќи дека токму преку европската интеграција Македонија има пристап до средства кои се клучни за развој на крупни инфраструктурни проекти, без да се зголемува јавниот долг.
Тој особено се осврна на приоритетните проекти предвидени во договорот со Велика Британија – изградбата на железничките Коридори 8 и 10. Како паневропски инфраструктурни правци, според Трајчулевски, овие коридори веќе се наоѓаат на главната транспортна мрежа на ЕУ и за нив може да се обезбедат средства преку европските фондови, без потреба од задолжување.
„Македонија го нема луксузот да не користи средства кои ѝ стојат на располагање. Затоа е од суштинска важност Владата да не се откажува од европските фондови, особено кога станува збор за транспортната инфраструктура која бара огромни финансиски вложувања“, порача пратеникот.
Во заклучок, Трајчулевски истакна дека патот кон Европската Унија мора да остане главен надворешно-политички приоритет на државата, не само поради политичката стабилност и економскиот напредок, туку и поради пристапот до финансии кои не создаваат долг – нешто што ниту една билатерална соработка не може да го понуди на ист начин.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

