29 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, остро ја критикува Владата за најавеното зголемување на минималната плата од 1.500 денари, оценувајќи го како недоволно и навредливо за македонските работници.
Во неделното интервју за Радио Слободна Европа, Трендафилов истакна дека со ваквиот потег Владата се обидува да создаде лажна слика за грижа кон работниците, додека реалноста на терен е сосема поинаква. Според него, трошоците за живот континуирано растат, а минималната плата не ги следи ниту основните потреби на едно четиричлено семејство.
Како особено проблематичен го посочи и владиниот предлог за таканаречената „потрошувачка кошничка“, во која, како што вели, се вклучени јаткасти производи и егзотични овошја што најголем дел од работниците не можат ниту да си ги дозволат. „Тоа покажува целосна отуѓеност од реалниот живот на работниците“, нагласи Трендафилов.
Тој предупреди дека доколку не дојде до реално и суштинско зголемување на минималната плата, ССМ ќе биде принуден да организира протести и штрајкови. „Работниците нема повеќе трпение, а синдикатите имаат обврска да ги заштитат нивните права“, рече тој.
Дополнително, Трендафилов алармираше дека дури 12.500 македонски работници веќе добиле работни дозволи за работа во Хрватска, што, според него, е јасен сигнал за сериозните проблеми на домашниот пазар на труд. Ова, како што вели, треба да биде сериозно предупредување и за Владата и за домашните компании, кои ризикуваат да останат без квалификувана работна сила.
„Ако платите и условите за работа не се подобрат, иселувањето ќе продолжи, а последиците ќе ги чувствува целата економија“, заклучи Трендафилов.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

