03 мај 2025
• од Вардарски
Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против три лица на возраст од 35, 50 и 43 години за кривично дело — Насилство, по член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За истиот настан, постапка ќе се води и против 17-годишен малолетник, согласно Законот за правда за децата.
Инцидентот се случил на 30 април вечерта пред казино во населбата Драчево. Според истрагата, малолетникот се обидел да влезе во казиното, но вработениот не му дозволил. Тоа го налутило младиот напаѓач, кој телефонски ги повикал своите постари познаници. Со два автомобили тие пристигнале пред казиното и започнале да се закануваат дека ќе го запалат објектот доколку вработениот не го пушти малолетникот внатре.
Кога вработениот одбил, групата го нападнала — го опколиле, го удирале со бокс и му нанеле телесни повреди. Еден од напаѓачите извадил дрвена мотка од возилото и почнал да замавнува кон оштетениот, кој се повлекол кон влезот на казиното. Случајни минувачи ја спречиле групата да продолжи со насилството, но нападот предизвикал чувство на страв и несигурност кај оштетениот и кај присутните.
Надлежниот јавен обвинител веќе достави предлог до Судот за определување мерки на претпазливост за осомничените, меѓу кои забрана за напуштање на живеалиште или престојувалиште, обврска за повремено јавување кај службено лице и одземање на патните исправи.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

