22 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Една недела по катастрофалниот пожар кој зафати склад за електронски отпад во Трубарево, жителите сè уште дишат опасни концентрации на штетни материи. Според нивните сведоштва за „Тв 24“, загадениот воздух е најсилно изразен во утринските и вечерните часови, а многумина чувствуваат здравствени тегоби – болки во градите, отежнато дишење и печење во устата.
„Воздухот е за никаде. Насабајле мириса, труе, не се излегува. Навечер исто. Луѓе се жалат на гради, на уста, тешко дишат…“ раскажуваат жителите. Други додаваат дека животот станал неподнослив и дека децата и старите лица се најмногу изложени на ризик.
Резултатите од штипската лабораторија при УГД „Гоце Делчев“ се очекуваат утре, и ќе покажат колкави се концентрациите на канцерогените тешки метали – кадмиум, олово и арсен. Министерот за здравство Азир Алиу најави дека тимови ќе ги посетат жителите на Трубарево, но до денес тоа сè уште не е спроведено.
Последните официјални мерења од Министерството за животна средина покажаа значително надминување на дозволените граници за ПМ10 честички, како и за олово, кадмиум и арсен – материи што можат да предизвикаат сериозни заболувања.
Опозициската СДСМ остро реагираше, посочувајќи дека повеќе од 500.000 жители на Скопје и околината биле изложени на токсичен воздух со концентрации на олово, арсен и кадмиум дури 12 пати над дозволеното. Од партијата побараа оставки од министерот за внатрешни работи, министерот за здравство и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, обвинувајќи ја власта за молк и негрижа кон граѓаните.
Многу жители изразија револт и изненаденост што во близина на нивните домови со години постоел склад со опасен отпад, без тие да бидат информирани. „Ова не е само тука кај нас, пожари има секаде низ Македонија. Но, зошто да страда народот и децата? Да се преземе нешто, да се види зошто е дозволено такво складирање тука“, апелираат тие.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

