24 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Во Зоолошката градина во Скопје е регистрирано присуство на туберкулоза, болест која веќе е причина за смрт на повеќе животни, меѓу кои и европскиот бизон, информира советникот во Град Скопје, Стефан Кирков.
Според Кирков, неодамна угинале ламите кај кои било потврдено присуство на туберкулоза, како и младо мајмунче од видот гибон. Пред десетина дена починал и европскиот бизон, а добиените резултати од Ветеринарниот факултет, Ветеринарниот институт и Агенцијата за храна и ветерина официјално ја потврдиле истата болест како причина. Станува збор за тип на туберкулоза што може да се пренесува и помеѓу животни и од животно на човек.
„Информациите кои ги добивам од вработените се повеќе од алармантни – Зоолошката градина е контаминирано подрачје. Се сомневаме дека цели реони се зафатени, додека вработените се оставени сами на себе, без соодветна заштита“, предупредува Кирков. Тој додава дека вработените се подложени на мобинг за да молчат за состојбата, иако секојдневно низ просторот се движат стотици посетители.
Кирков жестоко го критикува раководството на Зоолошката градина, посочувајќи дека директорите Попов и Стаменов „молчат и речиси не се појавуваат на работните места или на седниците на Советот“. Според него, ова претставува загрозување на јавната безбедност – и за вработените и за посетителите.
Советникот апелира до државните институции веднаш да спроведат вонреден инспекциски надзор, согласно протоколите на Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА) и Светската здравствена организација. Тој бара тестирање на сите вработени, земање брисеви од животните и живеалиштата, а доколку е потребно и времено затворање на установата до обезбедување на безбедност.
Од документите со јавен карактер кои ги добил, Кирков вели дека во последните три години во Зоолошката градина починале повеќе од 50 животни, без да има одговорност или истрага за причините.
„Имаше колење и труење на коњи, волци и берберски овци, смртни случаи поради пневмонија, бактерии, салмонела од расипана исхрана, како и други непознати причини. Сето ова ќе биде претставено во правна постапка против менаџментот“, најави Кирков, додавајќи дека заедно со советничката група на ВМРО–ДПМНЕ ќе поднесат и кривични пријави.
Скопската Зоолошка градина е една од најстарите во Европа и следната година ќе одбележи 100 години од своето постоење. Но, како што вели Кирков, „место кое требаше да биде лицето на градот, денес е претворено во сцена на хорор“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

