26 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Околу 10.000 покани се испратени до граѓани кои треба да го пријават доходот остварен во странство, информира денеска директорката на Управа за јавни приходи, Елена Петрова. Таа нагласи дека сите даночни резиденти имаат законска обврска да го пријават и оданочат целокупниот доход, без разлика дали е остварен во земјата или надвор од неа.
Според Петрова, не станува збор за ретроактивно оданочување, ниту за мерка поврзана со полнење на буџетот, туку за обезбедување фер и правично оданочување. „Ова не е нова законска одредба што се применува ретроактивно. Станува збор за правило што постои уште од донесувањето на Законот за данок на личен доход, а претходно беше регулирано и со Законот за персонален данок на доход“, истакна таа.
Директорката потсети дека македонските даночни резиденти имаат обврска да го пријават целиот свој доход – и во земјата и во странство – што, како што рече, е универзален принцип кој важи во сите даночни јурисдикции.
Од испратените покани, досега околу 1.200 граѓани доброволно поднеле пресметки, додека за околу 1.300 лица се издадени даночни решенија. „Процесот на оданочување сè уште е во тек. За овие 2.500 лица, пресметаниот данок изнесува речиси еден милион евра, но тие претставуваат само една четвртина од повиканите да го пријават и оданочат својот доход“, нагласи Петрова.
Од УЈП најавуваат дека активностите ќе продолжат, со цел целосна примена на законот и еднаков третман на сите даночни обврзници.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

