20 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Во координирана акција на Основното јавно обвинителство Кочани и Министерството за внатрешни работи, утрово е уапсен Драган Паунов, вработен во Управата за јавни приходи во Штип. Паунов е брат на в.д. претседателката на Кривичниот суд во Скопје, Даниела Димовска, што дополнително ја отвора јавната дилема околу можните влијанија врз истрагата за кочанската дискотека „Пулс“.
Според информациите од истрагата, Паунов бил во постојана комуникација со Дејан Јованов – Деко, синот на сопственикот на дискотеката. Разменетите пораки меѓу нив се дел од официјалниот доказен материјал што го прибира обвинителството.
Името на Паунов првпат се појави во сторија на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), која објави комуникации меѓу Михајло Јованов и инспектори од УЈП, Државниот пазарен инспекторат и полициски структури. Во тие преписки се појавуваат сомнежи за однапред договорени дојави за инспекциски контроли, можни подароци како форма на поткуп, но и информации дека полициски службеници редовно ја посетувале дискотеката иако таа работела без исполнети законски услови.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека акцијата е широка и се одвива на повеќе локации низ државата.
„Полициски службеници од СВР Штип и ОВР Кочани, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција, по насоки на ОЈО Кочани преземаат повеќе активности. По завршувањето на акцијата јавноста ќе биде соодветно информирана,“ соопштија од МВР.
Обвинителството најавува дека јавноста ќе добие дополнителни информации во текот на денот. Истрагата за „Пулс“ веќе неколку недели го привлекува вниманието поради сомнежите за коруптивни практики и вмешаност на службени лица, а денешното апсење отвора ново поглавје во овој случај.
Се проширува истрагата за трагедијата во „Пулс“: Опфатени лица од УЈП и ДПИ
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

