Укинат е притворот за полицајците осомничени за трагедијата во Кочани
Притворот за сите полициски службеници осомничени во врска со трагичниот настан во Кочани е укинат – потврдија од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за Инфомакс.
Во денешната постапка, по предлог на јавниот обвинител, судот донесе одлука на осомничените да им бидат определени мерки на претпазливост, наместо притвор. Овие мерки вклучуваат:
- одземање на патната исправа и забрана за нејзино издавање,
- забрана за напуштање на живеалиште,
- повремено јавување кај службено лице во судот,
- забрана за комуникација со останатите осомничени,
- забрана за вршење дејности на работното место што се поврзани со предметното кривично дело.
Судијата го прифати предлогот на обвинителството и на пет од осомничените им ги определи сите горенаведени мерки. За еден од осомничените, кој е пензиониран, беше изречена само мерката за забрана за комуникација со останатите осомничени, бидејќи останатите три мерки веќе му биле активни во рамки на друг предмет од 2019 година.
Дополнително, како што објаснуваат од обвинителството, со оглед на истекот на притворот за лицата опфатени со претходната истрага, истиот е укинат, а на сите им се изречени истите мерки на претпазливост.
Забраната за вршење професионални активности се применува селективно – во зависност од тоа дали осомничените се сè уште вработени или се во пензија.