06 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Охрид против С.М., управител на одморалиште на МВР во Охрид, поради основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластувања“ од член 353 од Кривичниот законик.
Според пријавата, С.М. во два наврати – во периодот од 2 до 5 февруари 2025 година и од 21 до 26 мај 2025 година – лажно евидентирал дека вработената Ј.И., готвач во одморалиштето, доаѓала на работа и извршувала работни задачи, иако таа во тој период се наоѓала надвор од државата.
Дополнително, во периодот од 28 мај до 30 ноември 2025 година, пријавениот евидентирал дека истата вработена користи боледување, иако од матичен лекар не ѝ биле издадени соодветни обрасци за привремена спреченост за работа.
Со овие дејствија, според МВР, С.М. ѝ овозможил на Ј.И. да се стекне со противправна имотна корист во износ од 253.834 денари, со што е нанесена штета на буџетот на Министерството за внатрешни работи.
Одделот за внатрешна контрола против двајцата поднел и предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина. Против С.М. е изречена задолжителна мерка – отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка, додека против Ј.И. е покрената постапка за надомест на настанатата штета.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

