05 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Поминаа речиси десет години откако јавноста беше потресена од необичниот случај на велешанецот Петре Караманов, кој во 2015 година беше осуден на три години затвор поради кражба на ќебапи во кафеана во Велес. Настанот предизвика бурни реакции во јавноста, а дел од граѓаните тогаш сметаа дека казната е престрога за вакво дело. Меѓутоа, малкумина знаеја дека зад оваа „кражба на ќебапи“ стои човек со долга криминална историја.
Во времето кога му беше изречена казната за украдените ќебапи, алкохолни пијалоци и други прехранбени производи, Караманов веќе се наоѓал во притвор поради друго кривично дело. Само две години подоцна, во 2017 година, при својот прв слободен викенд, тој не се вратил во затворот и од тогаш му се губи секоја трага.
И покрај бројните потраги, Караманов до денес не е пронајден и не е вратен на доиздржување на казната. Постојат сомнежи дека се наоѓа во соседна Бугарија, каде што има и бугарско државјанство.
Интересно е што лицето за кое трага полицијата е активно на социјалните мрежи. На неговите профили стојат податоци дека живее и работи како автомеханичар во Софија. Дополнително, при пребарување на неговото име на интернет, може да се најдат и огласи на бугарски страници за запознавање, каде што лице со истото име, презиме и возраст бара партнерка.
Од Министерството за внатрешни работи за „Викимедиа“ потврдуваат дека Петре Караманов и понатаму се бара со централна и меѓународна потерница. Според МВР, тој не е само бегалец од казната за „ќебапите“, туку има и дополнителна пресуда за друго тешко кривично дело.
„За лицето за кое прашувате распишана е централна и меѓународна потерница по Наредба на КПУ Идризово, за бегство од затвор. Лицето е осудено за сторено кривично дело ‘разбојништво’ и ‘тешка кражба’ на казна затвор од шест години и 11 месеци, а за доиздржување му остануваат уште четири години, 11 месеци и 29 дена“, информираат од МВР.
Иако случајот беше популаризиран како „кражба на ќебапи“, според обвинението, станува збор за тешка кражба – дело за кое е предвидена затворска казна од три до пет години. Караманов ја добил најниската можна казна, но тоа не му беше прва пресуда. Тој бил осудуван околу десетина пати, и како полнолетен и како малолетник, за различни кривични дела и прекршоци.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

