13 февруари 2025
• од Вардарски
Железничката линија што треба да го поврзе Скопје со Софија, како дел од Коридор 8, сè уште не е завршена од македонска страна, иако бугарската пруга е изградена уште во 1942 година. Ова, според бугарската експертка Малинка В'лкова, е сериозен економски и безбедносен проблем за целиот регион.
„Говорејќи за Коридор 8, железничката линија во бугарскиот дел е завршена уште пред 1935 година, а во 1942 година стигна до Ѓуешево, кое се наоѓа веднаш до границата. Денес, во овој мал регион со околу 200 жители, сè уште функционира железничката станица, изградена со цел да биде дистрибутивен центар меѓу териториите кои историски ѝ припаѓале на Бугарија“, изјави В'лкова.
Таа посочува дека и денес секојдневно има возови меѓу Ќустендил и Ѓуешево, додека од македонска страна, линијата е изградена само една третина и остануваат уште околу 60 километри за да се комплетира железничката врска.
В'лкова нагласува дека доцнењето во изградбата на овој железнички дел не е само инфраструктурен проблем, туку има и пошироки последици:
„Оваа недовршена пруга е на штета на двете земји – и социјално и економски. Дополнително, таа претставува проблем и за НАТО, бидејќи железничката мрежа е важна и од безбедносен аспект. По неа може да се транспортира тешка воена опрема, што значи дека недостигот на функционална врска ја загрозува стабилноста на регионот“, предупреди В'лкова.
Додека Бугарија пред повеќе од осум децении ја заврши својата страна од железничкиот проект, останува прашањето кога Македонија ќе го заврши својот дел и конечно ќе ја воспостави целосната железничка врска меѓу Скопје и Софија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

