ВИДЕО | Обезбедувачот Боев не се чувствува виновен: Ги спасив сите што можев
Еден од уапсените за трагедијата во дискотеката во Кочани, Столе Боев, кој ноќта работел како обезбедување во објектот, вечерва при спроведувањето од полицијата даде изјава за телевизијата „21“, во која рече дека не се чувствува виновен и дека „ги спасил сите што можел“.
„Јас ги спасив сите што можев и многу ми е криво и мака што не можев и тие да ги спасам. Голема болка и тага, изразувам сочувство до семејството на починатите, од кои големо мнозинство се и мои пријатели, другари, кои со свои раце ги вадев. Јас сум дел од обезбедувањето кое успеа да ги извади сите преживеани кои сега се со семејствата“, рече Боев.
Тој додаде дека гневот на жителите на Кочани, кои денес протестираа и ги демолираа куќата на градоначалникот во оставка Љупчо Папазов и автомобилот и деловните објекти на сопственикот на дискотеката „Пулс“, не е насочен кон „нив“ (мислејќи на вработените во објектот), туку напротив, дека сограѓаните се на нивна страна и бараат да бидат ослободени.