07 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Европскиот систем за безбедност на храната (RASFF) соопшти дека во црвени пиперки произведени во Северна Македонија е откриено високо ниво на метомил — супстанца која е штетна за луѓето и животните.
Според официјалното соопштение, во пиперките што биле извезени во Хрватска, при контрола на пазарот било пронајдено ниво од 0,049 милиграми метомил на килограм, што е пет пати повеќе од дозволената граница од 0,01 милиграми на килограм.
Поради тоа, властите во Европската Унија наредиле итно повлекување на овие производи од пазарот.
Контролата е спроведена на 23 септември, а резултатите и предупредувањето се објавени на 3 октомври.
Метомилот е инсектицид од групата карбамати, воведен уште во 1966 година. Се користи за уништување на различни видови инсекти во земјоделството, но е познат по високата токсичност за луѓето и животните.
Изложеноста на оваа супстанца може да предизвика сериозни здравствени последици, вклучително тровање, проблеми со нервниот систем и нарушувања во работата на органите.
Европските здравствени власти потсетуваат дека ваквите инциденти ја нагласуваат потребата од строга контрола на пестицидите во земјоделското производство, како и потребата од усогласување на националните стандарди со европските регулативи за безбедност на храната.
Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни при купување и консумирање на свежи пиперки кои потекнуваат од увоз, сè додека не се потврди нивната безбедност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден