26 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Министерството за внатрешни работи ја извести јавноста дека по насока на министерот Панче Тошковски, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди извршил детални проверки околу постапувањето на Секторот за внатрешни работи Велес во случајот на жртвата Росица Коцева.
Од спроведената анализа е утврдено дека полицијата во најголемиот дел од случаите постапувала согласно законските процедури. Како резултат на тоа, против пријавениот била поднесена и кривична пријава, која завршила со условна пресуда во судска постапка.
Сепак, контролата открила дека при некои од претходните пријави на жртвата институциите не постапиле целосно во согласност со законските обврски и процедурите, што претставува сериозен пропуст.
Врз основа на утврдените пропусти, доставен е предлог за поведување дисциплинска постапка против 11 лица вработени во СВР Велес. За наодите е писмено известено и Јавното обвинителство, кое треба да постапи во рамки на своите надлежности.
МВР нагласува дека останува посветено на транспарентноста, професионалноста и одговорноста во своето работење. Министерството најавува дека ќе продолжи со унапредување на процедурите и со отстранување на системските недостатоци, со цел поголема ефикасност на полицијата во заштитата на граѓаните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

