24 март 2025
• од Гоце Кически
Во Подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во Кочани, уште од 2012 година не е пополнето работното место за инспектор за заштита од пожари, откако претходниот инспектор заминал во пензија во март истата година.
Според официјалните податоци од Дирекцијата, во моментов испразнети се половина од предвидените работни места за инспектори во државата, а во моментов ангажирани се само околу петнаесетина инспектори, од кои најголем дел работат во Скопје.
Пред да преминат во ДЗС, инспекторите за заштита од пожари и елементарни непогоди биле под надлежност на Министерството за внатрешни работи и во тој период биле вработени вкупно 63 инспектори низ сите општини. Од нив, 35 биле префрлени во Дирекцијата, но бројот на инспектори постепено се намалувал, главно поради заминувања во пензија, а испразнетите работни места не биле пополнувани.
„Трагичниот пожар во дискотеката во Кочани е потврда дека проблемот со превенцијата и заштитата од пожари е долгогодишен, а системот нефункционален. Недостигот од соодветен инспектор можеби не е клучен за да се спречи несреќата, но веројатно можел да има влијание во превентивата. Сметам дека недостига и најосновна едукација и запознавање на населението со причините и начинот на заштита и дејствување при пожар“, истакна Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво од Кочани.
Стручните лица за заштита од пожари и други елементарни непогоди апелираат до Владата да обезбеди потребни средства за пополнување на празните инспекторски работни места. Покрај тоа, тие бараат во наредниот период на државно ниво да се организираат соодветни едукативни програми за превенција и заштита од пожари, насочени кон најмладите, од предучилишна до средношколска возраст.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

