30 март 2025
• од Вардарски
„И чистачката и директорот во Македонија се поставуваат со партиска книшка“, вели македонскиот новинар Васко Попетревски во интервју за „360 степени“, каде што остро ги критикува структурните слабости на македонскиот систем и ја нагласува нужноста од евроинтеграции како единствена реална алтернатива за земјата.
Попетревски, главен уредник на истоимената емисија, зборуваше за трагедијата во Кочани и пошироко – за системските слабости кои со децении ја подриваат довербата во институциите. Според него, проблемот не лежи само во поединечни грешки, туку во самата основа на владеењето во Северна Македонија.
„Најчестиот збор што се користи кога се зборува за проблемите кај нас е ‘системот’. Но што е тоа систем? Тоа се нормите – правни и морални – и луѓето кои треба да ги спроведуваат. Кај нас, последните три децении, се гради систем во кој водат само партиите – партократија“, истакна Попетревски. Тој додаде дека кадровската политика е длабоко партизирана, при што дури и хигиеничарки и чувари во институциите се поставуваат по партиска линија, а не според стручност и заслуги.
„Не велам дека сите тие луѓе се неспособни, но ризикот за некомпетентност е огромен“, рече тој, додавајќи дека администрацијата е преоптоварена, а клучни служби, како инспекциските органи, немаат доволно стручен кадар.
Особено ја потенцираше и проблематичната состојба во правосудството: „Обвинителството и судскиот систем со години функционираат според принципот на сончоглед – се вртат кон секоја нова власт.“
Попетревски изрази скепса дека македонското општество е подготвено за вистински ресет: „Повторно слушаме повици за рестартирање – за крај на телефонирањата, за еднаквост пред законот, за чекање во ред без протекција. Но, длабоко се сомневам дека тоа навистина ќе се случи, макар и по цена од 59 изгубени животи во трагедијата.“
На крајот, тој потенцира дека Македонија нема вистинска алтернатива освен Европската Унија, но предупреди дека патот кон таму води низ длабоки, реални реформи – не само декларативна поддршка на хартија, туку суштински промени во системот и политичката култура.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

